Friday 4 November 2016

The Accountant - Gavin O'Connor (2016)


Слободно смејте му се на Бен Афлек. Точно, човекот нема голем актерски опсег, меѓутоа се има испробано во толку многу улоги и жанрови, што навистина заслужува признание. Овој пат признанието доаѓа во форма на освојување на американскиот бокс офис со R-rated филм за аутистичен суперхерој.  

Суперхеројот е сметководителот Christian Wolff (Ben Affleck), генијалец со блага форма на аутизам и инстинкт за убивање стекнат преку суровото домашно воспитување. Кога Christian не убива лоши момци, тој се занимава со сметководителство, прикривајќи ги валканите финансиски трансакции на подземјето. Иако во секојдневието избегнува емоции и човечка интеракција, средбата со наивната Dana (Anna Kendrick), на која и се заканува опасност од мистериозни убијци, го принудува да земе оружје во раце и да остави зад себе крвав траг.  

Да, приказната е предолга, со многу непотребни моменти. Комплетно се игнорирани квалитетите на неколку добри глумци (Anna Kendrick, JK Simmons, John Lithgow), кои ги добиваат неблагодарните улоги на дама во неволја, суров полицаец и мегаломан. А сепак, забавно е да се види како Бен Афлек ја користи својата безличност како глумец за да создаде еден мистериозен лик, кому здрвеноста и фасадата на нормалност му се всушност најпривлечната карактеристика.

Успехот на Deadpool и The Accountant најавува нов бран на неконвенционални суперхерои кои можеби ќе успеат да донесат свежа крв во застојаниот суперхеројски универзум. И двата филма имаат успешна комбинација на брутално насилство и неочекуван хумор, и речиси е сигурно дека ќе добијат свои продолженија. Останува прашањето дали ќе имаат доволно креативност за повторно да ги надминат очекувањата на публиката.  За нивна среќа, очекувањата од Холивуд во 21-от век се прилично ниски.

No comments :

Post a Comment