Friday 22 April 2016

You Sexy MF



Ексцентричен!

Така те нарече татко ми додека те гледавме како играш на високи штикли околу една девојка што свири гитара, пеејќи ја легендарната песна на Tom Jones, 'Kiss'. Во тоа време во моите очи Томџонс беше кралот на добриот вкус и доброто бакнување, а ти се гребеше од неговата слава и му ја извитоперуваше песната со чудно фалсето и неодредена сексуалност, светлосни години далеку од потта и влакнестите гради на Рударот од Велс. А сепак, чувствував некоја чудна привлечност кон зборот 'eксцентричен' и твојата андрогена појава.

Кога излезе спотот за 'Gett off', го снимив на VHS и скришно го верглав на рипит додека не го научив на памет. Зборовите и денес ги помнам, а кореографијата ми е во топ 5 влажни фантазии. Нејсе. Кога ми купија CD player, тетин ми ме однесе во една продавница во Мавровка каде се продаваа оригинални дискови, и ми рече да си одберам еден.  Тогаш и таму се заљубив во насловната од Diamonds and Pearls, холограм на кој твоето лице се гледаше те во анфас, те во профил. Колку само го посакував тоа CD! Aма сепак го избрав Dark Side of the Moon, за да не го посрамам тетин.

Годините поминуваа, а јас и натаму те доживував како guilty pleasure. Се осмелив да те слушам 'до даска' дури кога Ане од клас ми ја даде 'оригиналката' со твоите хитови. Касетата имаше текстови и информации за песните, и видов дека ти си автор на секоја од нив.  Дури и на Kiss на Томџонс.  Дури и на Nothing Compares 2 U на Sinead O'Connor. Последнава ја преснимував на секоја касета што било кога сум ја однел на журка, со надеж дека еден ден на неа ќе заиграм 'танго' (татко ми го вика стискавац) со некоја посебна девојка, и дека таа ќе остане со подзината уста кога ќе ѝ кажам дека оваа песна е оригиналот, а не онаа на Sinead. Потоа ќе следува силна прегратка и нежен бакнеж.  Уште една пуста влажна фантазија.

Дваесет години подоцна конечно те видов во живо. Ги купивме евтините карти, но боговите на Ticketmaster решија да нè преместат на седиште на десет метри од тебе. Немам обичај да сликам на концерти, но секоја твоја поза и манеризам ми се длабоко врежани во фотографската меморија. Свиреше песни што првпат ги слушам, но не беше важно: те гледав во штикли, качен врз клавир, како водиш љубов со гитара. Кога дојде време за хитовите, ги отсвире сите за десет минути.  Ќе отсвиреше 30 секунди од едниот, ќе речеше 'So many hits!', и ќе се префрлеше на следниот. И така до бесвест. Колку fucking ексцентрично!

За крај, она најинтимното. Во 2009 наместо свадба направив журка на која ги поканив сите пријатели и само најблиските роднини. Музиката беше еклектична и дефинитивно наменета за помлади.  Кога го прашав татко ми како му се допаѓа атмосферата, тој ме замоли да му пуштам една 'негова' песна. Очекував да ги побара Битлси, или Елтон, или Томџонс, но тој ја нарача 'Purple Rain'. Целата сала заигра 'стискавац'. Твојата ексцентричност доби масовно одобрување, токму од оние чии вкусови најмногу ги ценам. А јас силно ја гушкав, нежно ја бакнував, и ѝ шепотев факти за тебе на посебната девојка што ја земав за жена.  Среќен ли си сега, ти ексцентричен манијаку?



No comments :

Post a Comment