Friday 12 September 2014

Boyhood - Richard Linklater (2014)


Во филмовите на Richard Linklater границата помеѓу документарец и игран филм е често многу тенка.   Она што Linklater го започна со Slacker, а го усовршуваше со Before трилогијата, кулминира со епскиот Boyhood, филм снимен во тек на 12 години и поделен на 12 мини-епизоди во животот на еден млад дечко и неговата фамилија.  Лесно е ваков филм да се отпише како суетен проект на забеган режисер, посебно кога знаеме дека неговата ќерка ја има една од четирите главни улоги.  Но Boyhood е филм со душа на дете и со памет на родител, прекрасна медитација за младоста која одвај чекам да ја гледам заедно со своите деца.  


Во центарот на Boyhood e Мејсон (Ellar Coltrane), момче чијашто физиономија драматично се менува во текот на филмот, но остануваат очите на сонувач, кој изложен и на фамилијарни проблеми, и на невозвратена љубов, и на халуциногени дроги, сепак останува непоправлив романтик. Во неговата орбита кружат сестрата Саманта (Lorelei Linklater) која многу попрагматично го разбира животот, и разведените мајка и татко (Patricia Arquette и Ethan Hawke), кои секој на свој начин лутаат низ животот и го бараат патот од ниска до средна класа.  

Во повеќето свои филмови Linklater е на мисија да го документира животот на генерацијата X, а Ethan Hawke е неговиот Х-прототип. Многу луѓе не го сакаат Hawke затоа што тврдат дека е глумец со една нота, но можеби токму затоа е совршен за филмовите на Linklater - нотата е онаа вистинската, совршен баланс на изгубеност и љубопитност за тоа што носи животот.  Тој е отелотворение на една цела генерација која порасна со фразата carpe diem и која се уште ја вергла таа изветвена мантра, додека средовечна се справува со неизвесноста и непостојаноста на новиот век.  Boyhood е лаконскиот одговор на генерацијата Y до нивните родители, со финална реплика која долго ќе ми одзвонува во ушите. Ние никогаш не го зграпчуваме моментот, туку моментот не зграпчува нас.  

Филмови како Boyhood се причината заради која се уште одам во кино.  Во време кога кино салите се речиси исклучиво наменети за мнозинството што сака експлозии, Linklater ни дава филмови за тивкото малцинство: оние кои повеќе се препознаваат во Mason отколку во најновиот Спајдермен; оние кои со недели ќе го превртуваат Boyhood низ главата и ќе бидат благодарни што се соживеале со паметен тинејџер од крв и месо.  За жал, овој длабоко хуман филм во Америка добива рејтинг R, што им забранува на деца помлади од 17 години да го гледаат филмот без придружба од родител.  Жално е што американските тинејџери ова лето без придружба ќе ги гледаат експлозиите на Michael Bay, но ќе мораат да донесат родител за да го видат Boyhood.  Иронично е што MPAA несакајќи ја направи најубавата можна препорака: ако имате родител, или дете со кого сакате да споделувате филмови, Boyhood е прекрасен начин да се минат три часа заедно.







No comments :

Post a Comment