Monday 31 March 2014

Nymph()maniac Vol. 1 & 2 - Lars Von Trier (2014)


Зависноста од секс станува жешка филмска тема.  Во минативе неколку години ги видовме претенциозниот и стерилен Shame, како и смешниот и длабоко хуман Don Jon.  Nymph()maniac на Lars von Trier е и претенциозен и стерилен и смешен и хуман, и како таков ништо налик на претходните два.  Ако постои филм-побратим на Nymph()maniac, тоа би бил Kill Bill на Quentin Tarantino, колку и да звучи таа споредба неверојатна на почетокот.  


Како и Kill Bill, најновиот филм на Lars Von Trier e експериментален филм, составен од повеќе  стилски различни сегменти (некои брилијантни, некои сосема непотребни) нафрлани врз костур од приказна.  На главната хероина и се случуваат многу лоши работи, но идентификација со неа е речиси невозможна оти гледачот е свесен дека целиот филм е режисерска манипулација направена со цел да шокира и да иронизира.  И најпосле, како и Kill Bill, Nymph()maniac е еден совршен двочасовен филм, напумпан со режисерска суета до речиси неиздржливи четири часа, а потоа поделен на два дела за да им го троши трпението и парите на гледачите.  За чудо, постои дури и петиполчасовна верзија на Nymph()maniac, наводно со многу повеќе гениталии и хардкор секс.  Нека фала, ако е и од Von Trier, доста е.


Целиот филм е раскажан во flashback, откако осамениот ерудит Селигман (Stellan Skarsgård) ја наоѓа Џо (Charlotte Gainsbourg) претепана во мрачна уличка и се согласува да ја ислуша нејзината животна приказна.  Во центарот на филмот е потрагата на Џо по сексуално задоволство, што води до многу секс во кој не ужива ниту таа самата, ниту ние како гледачи.  Во првите четири сегменти помладата Џо ја глуми храбрата Stacy Martin, и нејзините сегменти се далеку поинтересни, можеби затоа што приказната е се уште свежа, а можеби и затоа што споредните ликови се далеку пофасцинантни.  Посебно отскокнува црнокомичната епизода со Ума Турман како напуштена жена која решава да ги донесе своите деца во домот на Џо за да ја запознаат љубовницата на татко им.

Како што филмот се ближи кон својот климакс, метафорите на Von Trier стануваат се понапорни.  Додека на почетокот е забавно да се размислува за аналогиите меѓу сексот и рибарењето, сечењето нокти и броевите на Фибоначи, вториот дел е преполн со христијанска симболика, апологетика на политичката некоректност и евтини фројдовски обзервации.  Морам да признаам дека пораката е исклучително моќна и Von Trier успева да не убеди дека (речиси?) сите робуваме на родови стереотипи.  Но Nymph()maniаc го губи залетот далеку пред четвртиот час, и уште еднаш докажува дека некогаш предиграта е далеку позабавна и понезаборавна од финалето.


No comments :

Post a Comment